Дмитро Живјицки, началник на регионалната администрација, соопшти дека руските трупи го напуштиле регионот Суми во североисточна Украина
Руските трупи целосно се повлекоа од северна Украина, враќајќи се кон Белорусија и Русија, објави британското Министерство за одбрана во прегледот на настаните на 44 ден од војната во Украина.
Според анализите, некои од овие единици ќе бидат префрлени во источна Украина за да се борат во Донбас. Но, на многу сили ќе им треба „значително надополнување“ пред да бидат распоредени.
„Секое масовно прераспоредување од север најверојатно ќе потрае најмалку една недела“,
велат од Министерството на утринскиот брифинг.
Се додава дека руското гранатирање на градови во источна и јужна Украина продолжило и дека руските трупи напредувале јужно од стратешки важниот град Изум.

Дмитро Живјицки, началник на регионалната администрација соопшти дека руските трупи го напуштиле регионот Суми во североисточна Украина, пренесува ДПА.
Живјицки на својот Фејсбук профил објави дека во регионот сега повеќе нема руски војници.
Тој го информира локалното население дека доколку слушне експлозии, тоа е поради активностите што на терен ги спроведуваат спасувачките служби и деминерите за отстранување на експлозив и муниција што зад себе ги оставиле руските трупи.
Живјицки сепак предупредува дека регионот сè уште не е безбеден поради поставените мини на повеќе локации. Токму поради тоа, тој го предупреди локалното население да не се вози надвор од асфалтираниот дел од коловозите, да не се користат шумски патеки и да не се чепка оставена воена опрема.
Инаку Живјицки уште во неделата изјави дека почнало повлекувањето на руските трупи од областа.
Заедно со регионите Доњецк, Луганск, Харков и Киев, регионот Суми беше една од целите на руските трупи на почетокот на воените дејствија на руските сили пред повеќе од еден месец.

Генералното собрание на Обединетите нации гласаше за суспендирање на Русија од Советот за човекови права. Резултатот од гласањето беше 93 за, 24 против и 58 воздржани.