Директорот на финската царина рече дека уметничките дела се сметаат за луксузни предмети кои потпаѓаат под санкциите на ЕУ против Русија, а се наметнати поради нејзината инвазија на Украина

Финската царинска служба соопшти оти спречила враќање уметнички дела во вредност од околу 42 милиони евра во Русија, кои претходно биле позајмени за изложби во Западна Европа, пренесе Ројтерс.
Поради санкциите кои ЕУ ѝ ги наложи на Русија, финската царина соопшти оти ќе се консултираат со Брисел за нивниот статус како луксузни стока.
Царината, како што пренесе Ројтерс, запленила уметнички слики, статуи и антиквитети кои требало да се вратат во Русија преку Финска од Италија и Јапонија, каде што привремено биле позајмени од руски музеи и уметнички галерии, изјави Сами Ракшит, директор на финската царинска служба.
Тој рече дека уметничките дела се сметаат за луксузни предмети кои потпаѓаат под санкциите на ЕУ против Русија, а се наметнати поради нејзината инвазија на Украина.
Конфискуваните предмети и натаму остануваат во руска сопственост, а ќе се чуваат под надзор на финската агенција за наследство додека се привремено запленети, соопшти царината.
Руската новинска агенција Москва го пренесе соопштението од руското Министерство за култура во кое се вели дека конфискуваните уметничките дела од страна на Финска ѝ биле позајмени на Италија од водечките руски уметнички галерии како што се музејот „Ермитаж“ и државниот музеј „Царское Село“ во Санкт Петербург, како и Државната галерија „Третјаков“ во Москва. Другите уметнички дела, пак, кои пристигнаа од Јапонија, потекнуваат од Државниот музеј за ликовни уметности „Пушкин“, додаваат оттаму.
Финската царина, меѓу другото, изрази сомнеж дека десетина лица вклучени во транспортот се обиделе да ги прекршат правилата за санкции.
Минатиот месец два музеи во Милано рекоа дека ќе вратат неколку позајмени руски уметнички дела откако руските музеи побараа нивно предвремено враќање.