Во Брисел, на министерскиот состанок ќе се разговара и за идниот стратешки концепт на НАТО, за кој Османи нагласи дека е важно тој концепт да го зајакне и југоисточниот дел на Алијансата

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, потврди дека членките на НАТО денеска ќе разговараат за испраќање засилена помош во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.
Шефот на дипломатијата, кој се наоѓа во Брисел на вонреден состанок на министрите за надворешни работи од НАТО, повтори и дека НАТО ќе испрати повторно порака на обединетост и солидарност со Украина.
Османи, исто така, нагласи дека е важно идниот стратешки концепт на НАТО, за кој исто така ќе се разговара на состанокот овие два дена, да го зајакне и југоисточниот дел на Алијансата.
„Сите аспекти треба да се рефлектираат во овој следен стратешки концепт, да се зајакне партнерството со ЕУ и да се забрза ангажманот кон Западен Балкан со цел засилување на стабилноста и безбедноста на југоисточниот дел“,
рече Османи пред почетокот на вонредниот министерски состанок на НАТО.
Како што истакна, пак, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, надежта е дека 30-те земји членки ќе се усогласат за испраќање посилна и офанзивна одбрана во Украина за да се справи со рускиот напад.
