Насилството врз цивилите мора да запре веднаш, а извршителите и наредбодавците на овие злосторства мора да бидат изнесени пред лицето на правдата, вели премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски, како и повеќето шефови на влади и држави од земјите од НАТО и ЕУ, ги осуди злосторствата во Украина по прикажаните видеоснимки и фотографии во кои се гледаат масовни гробници и тела по улиците во дел од украинските градови.
„Шокирани сме од снимките од ослободените градови во Украина како Буча и од злосторствата извршени од руските инвазиски сили. Насилството врз цивилите мора да запре веднаш, а извршителите и наредбодавците на овие злосторства мора да бидат изнесени пред лицето на правдата!“,
напиша Ковачевски на Твитер.

Украинското обвинителство соопшти дека биле пронајдени вкупно 410 тела, од кои најмногу во Буча. Пронаоѓањето следува откако руските сили почнаа да се повлекуваат, а украинските власти да ги враќаат под своја контрола областите околу Киев.
Во своите реакции, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, повика на истраги за воени злосторства и зголемување на санкциите кон Русија, претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, исто така, вети дополнителни санкции, а на истото повика и францускиот претседател Емануел Макрон.
Руското Министерство за надворешни работи (МНР), пак, ги отфрли обвинувањата и обвини дека САД и НАТО ги нарачале снимките за да ја обвинат Русија.
