Речиси сите 25 милиони жители на Шангај, економскиот центар на Кина, од вчера се во карантин
Властите во Сужоу, западно од Шангај, открија мутација на сојот омикрон што не е регистрирана во ниту една локална или меѓународна база на податоци
Кина забележа повеќе од 13 000 новозаразени со ковид-19 во еден ден, што е рекордна бројка која не е забележана од пикот на првиот бран на епидемијата пред две години, а властите соопштија дека откриле можна нова подваријанта на сојот омикрон во областа на Шангај.
Речиси сите 25 милиони жители на Шангај, економскиот центар на Кина, од вчера се во карантин. Во последните денови градот стана епицентар на нов бран на инфекции поврзани со сојот омикрон. Во последните денови неколку изложбени центри во градот се претворени во места за карантин за заразените.
Властите во Сужоу, западно од Шангај, открија мутација на сојот омикрон што не е регистрирана во ниту една локална или меѓународна база на податоци, објавија денеска кинеските државни медиуми.

„Ова значи дека локално е откриена нова варијанта на омикрон“,
објави новинската агенција Ксинхуа, повикувајќи се на помошникот директор на Центарот за контрола и превенција на болести во Сужоу, Џанг Јун.
Десетици милиони Кинези во североисточниот дел на земјата, центарот на автомобилската индустрија се во карантин. Од денеска, уште еден голем град во областа Бајченг со 1,5 милиони жители е под специјален режим на движење.
Вкупно 13 146 случаи на ковид-19 се регистрирани денеска во Кина, што е највисока бројка од првиот бран во средината на февруари 2020 година.
Од нив има 1 455 пациенти со симптоми и 11 691 асимптоматски, а не е регистриран ниту еден смртен случај, се вели во соопштението на Националната здравствена комисија.
Високозаразниот вид омикрон на вирусот се прошири во повеќе од 12 провинции. Речиси 70 проценти од новите случаи на инфекција се откриени во Шангај, соопшти Комисијата, по тестирањето на целото население.
Драконската политика „нулта ковид“ која се применува во Кина, има за цел да спречи појава на нови случаи на инфекција преку затворање и масовно тестирање, систематска изолација на заразените и таканаречено целосно затворање на границите.