На почетокот на месецов, овој град пријави повеќе од 20 000 новозаразени со коронавирус, што значи дека за четири недели се регистрирани повеќе случаи на заразени отколку во претходните две години за време на пандемијата
Поради растечкото ширење на коронавирусот, Шангај – град со 25 милиони жители – е во карантин. Некои се затворени во своите домови, некои во канцелариите, бидејќи работата не запира, додека друг дел од градот од утре е во целосен карантин.
Ова предизвикува страв и паника кај жителите на Шангај.
На почетокот на месецов, овој град пријави повеќе од 20 000 новозаразени со коронавирус, што значи дека за четири недели се регистрирани повеќе случаи на заразени отколку во претходните две години за време на пандемијата.
Позаразниот вид омикрон-стелт ја разниша стратегијата на Кина за борба против вирусот, што ги принуди властите да воведат карантин поради што градот беше поделен по реката Хуангпу.
На жителите кои живеат во областа Пудонг на источниот брег на реката им е кажано да останат дома четири дена почнувајќи од понеделник, додека Пукси на западниот брег влегува во карантин од утре.
Претходно оваа недела, се појавија неофицијални информации дека властите ќе го одложат затворањето на Пукси за неколку дена или ќе го продолжат карантинот во Пудонг, што доведе до гужви и огромни редици во супермаркетите.
Иако властите во Шангај објавија дека тоа се обични гласини, жителите на Пудонг добиле известување во кое е наведено дека не смеат да ги напуштат своите домови во следните неколку недели.
„Во понеделникот, додека возев велосипед, улиците беа полни со луѓе кои купуваа основни намирници. Редиците што ги видов во супермаркетите и пазарите се протегаа низ улиците со некои кои пуштаа само ограничен број клиенти во исто време“,
вели жител на Шангај.
„Сите се прашуваме дали е навистина возможно да се тестираат, анализираат и потоа да се изолираат инфекциите со ковид кај скоро 25 милиони луѓе за неколку дена, а потоа едноставно повторно да се отвори градот“,
се прашува жител на Шангај.
Во пресрет на карантинот, повеќе од 20 000 финансиски службеници се повикани назад во нивните канцеларии и им е наредено да го спроведат остатокот од карантинот токму таму, во обид да го одржат бизнисот непречено.
Неколку компании подготвија вреќи за спиење и основна постелнина.