Причина е намалувањето на индустриското производство и намалување на патувањата со воведување на карантините како дел од борбата за сузбивање на ширењето на вирусот
Сателитски фотографии од НАСА покажуваат огромно намалување на загадувањето на воздухот во Кина откако во земјата е регистрирана епидемија на коронавирус. Причина е намалувањето на индустриското производство и намалување на патувањата.
Од НАСА соопштија дека оваа промена делумно е резултат на економското успорување што е предизвикано со борбата против вирусот.
Фотографиите од вселената прикажуваат дека нивото на јаглерод диоксид, токсичниот гас кој се добива од возилата, електраните и фабриките се намалил со воведување на големите карантини.

Научниците претходно открија дека коронавирусот во Кина во средината на февруари ја намалил за четвртина емисијата на штетните стакленички гасови за само две недели. Затворањето на фабриките и препораките до граѓаните да останат во своите домови доведоа до нагло опаѓање на согорувањето на фосилните горива, процес во кој најмногу се создаваат стакленички гасови.
Намалувањето на загадувањето прво е воочено во близина на Вухан, градот од каде започна епидемијата, но за кратко време тој тренд се прошири на целата земја.
„Ова е првпат да видам ваков драматичен пад на загадувањето на толку големо подрачје како резултат на одреден настан“,
вели Феи Лиу, истражувач за квалитет на воздухот во центарот на НАСА за вселенски летови во Годард.
Таа потсетува дека сличен ваков пад на нивото на јаглерод диоксид имало и за време на економската рецесија во 2008 година, но со таа разлика што тогашното намалување на загадувањето било постапно.