Пратеничката Маја Морачанин, која исто така беше гостинка во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ, на прашањето како таа од парламентот ќе се бори за предлог-законот повторно да се врати, рече дека разговараат и се консултираат со невладиниот сектор. Исто така, кажа и дека очекува поддршка од владејачката коалиција во која е и нејзината партија ДОМ
Правната советничка на Коалицијата Маргини и адвокатка Наташа Бошкова, вечерва во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ, посочи дека трансродовата заедница во земјава се мобилизира и нејзини припадници се спремни да ја тужат државата пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) поради пречките со кои се соочуваат да ја променат ознаката за род.
Откако Владата ги повлече предлог-законските измени кои требаше да ја дефинираат правната процедура за промена на родот, Бошкова вели дека како невладин сектор нема да застанат тука, туку ќе се обидат да направат притисок законот повторно да се врати во Собранието.

„Притисокот ќе биде што побрзо да се врати во Собрание и таму да ги соочиме аргументите оти сметам дека Собранието е место каде ќе треба да ги соочиме и тие ’шокантни‘ аргументи и евентуално да најдеме некое компромисно решение за ’унапредување‘ на текстот на законот“,
вели Бошкова.
Таа му е адвокатка и на „лицето Х“ кое токму поради овие проблеми ја доби тужбата против државата во судот во Стразбур, а вели дека во трансродовата заедница има и други лица кои се спремни да покренат тужби.
„Транс-заедницата се мобилизира, посебно оние луѓе кои имаат започнато постапки и сè уште не им е одобрена промената на ознаката за пол, се расположени да водат постапки пред ЕСЧП, па државата нека продолжи да плаќа отштета на оние луѓе на кои со години им ги крши правата, а имаше можност да ја коригира таа неправда со донесување на закон со три одредби“,
рече Бошкова.
Пратеничката Маја Морачанин, која исто така беше гостинка во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ, на прашањето како таа од парламентот ќе се бори за законот повторно да се врати, рече дека разговараат и се консултираат со невладиниот сектор. Исто така, кажа и дека очекува поддршка од владејачката коалиција во која е и нејзината партија ДОМ.

„Ако веќе некој имаше аргументи против, требаше јавно да каже кој било пратеник. Затоа и ги организиравме сите тие средби и разговори во Собранието, за да се расчистат дилемите“,
рече Морачанин.