Честитки до фудбалерите упатија и премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Се огласија и амбасадорите. „Стискаме палци за следниот меч“, напиша американската амбасадорка, додека евроамбасадор упати посебни честитки до голгетерот Трајковски и голманот Димитриевски

Шефот на државата, Стево Пендаровски, на интересен начин го најави финалниот меч за пласман на Светското првенство на македонските фудбалери против Португалија, по вечерашната победа на нашата репрезентација над Италија.
Тој на Твитер го означи фудбалската ѕвезда на Португалија, Кристијано Роналдо, порачувајќи му да се подготви.
„Подготви се Кристијано, вие сте следни!“
твитна претседателот споделувајќи ја и објавата на УЕФА за победата над Италија.
Get ready @Cristiano, you are next! #WorldCupQualifiers ??⚽️?? https://t.co/AuThwdTHDj
— Stevo Pendarovski (@SPendarovski) March 24, 2022
Пендаровски се огласи на и на Фејсбук честитајќи го вечерашниот триумф.
„Нашите фудбалски херои веќе ја испишаа историјата на македонскиот фудбал. Честитки за победата, пожртвуваноста, храброста и борбеноста во играта на нашата македонска фудбалска репрезентација против силниот противник. На чекор до Катар, благодарни сме на радоста што ни ја приредувате“,
напиша шефот на државата на оваа социјална мрежа.
Се огласи и останатиот државен и политички врв. Премиерот Димитар Ковачевски победата ја нарече сензационална, а фудбалерите вистински херои.
„Каква сензација! Браво момци, браво! Вие сте вистински херои, оваа вечер покажавте што значи борбеност, желба, истрајност! Неверојатна победа која е резултат на многу труд и работа, но пред сè љубов кон националниот дрес. Честитки и за селекторот Милевски и целиот тим, оваа вечер нема никогаш да ја заборавиме. Ви благодариме!“,
напиша премиерот.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски им честиташе на македонските фудбалери.
„Црвено жолто е небото над Палермо. Победа голема како планина. Фудбалските херои напишаа историја. Македонија вечна!“,
објави Мицкоски на Фејсбук.
Победата против Италија ја поздрави и дипломатскиот кор во земјава.
„Честитки за фудбалскиот тим на Северна Македонија за големата победа вечерва. Стискаме палци за одличен резултат и на следниот натпревар за учество на Светското првенство“,
напиша американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз.
Congratulations to ?? football team on a great victory tonight. Crossing our fingers for a great result in the next game and a participation at the World Cup finals.
— Ambassador Kate Byrnes (@USAmbNMacedonia) March 24, 2022
И евроамбасадорот Дејвид Гир се огласи на Твитер.
„Неверојатна игра. Честитки за Северна Македонија. Посебно на голгетерот Трајковски и голманот Димитриевски“,
напиша Гир.
Incredible game. Congratulations to ?? !!! Especially to Trajkovski goal- scorer and Dimitrievski in goal!
— EU Ambassador David Geer (@AmbassadorEU) March 24, 2022
Македонските фудбалери ја победија на гостувањето во Италија со 1:0 со голот на Александар Трајковски во 92. минута. Финалниот меч од баражот за пласман на Мундијалот ќе се игра на 29 март во Порто против Португалија која вечерва ја победи Турција.