Посебна дискусија се разви за измените на Законот за внатрешни работи, со кои се предвидува воведување тест на интегритет за вработените. Според СДСМ, измените и дополнувањата се во насока на спречување корупција и злоупотребни на службата, а според ВМРО-ДПМНЕ е работи за законско решение со кое ќе се партизира МВР
Собранието попладнево разгледа повеќе точки во рамки на 64.седница, но гласањето ќе биде дополнително закажано, поради немање доволен број пратеници во салата. Станува збор за законите: за вршење работи за застапување во царинските постапки, по скратена постапка; за полиција, во второ читање; за внатрешни работи, во второ читање; како и за барањето за автентично толкување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, поднесено од пратеничката Маја Морачанин.
За другите точки не беа создадени деловнички можности за да можат денеска да се разгледуваат и поради тоа седницата беше прекината.
За дополнетиот предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, пратеничката Даниела Николова од СДСМ рече дека е извршено ревидирање на конкретни одредби и се предвидени значајни измени на неколку суштински моменти.
Посочи дека се предвидува тест за интегритет на лицата кои се вработени во МВР и нивна континуирана проверка на интегритетот, со цел спречување корупција и злоупотреба на службената должност, извршување на работните задачи политички неутрално, допрецизирање на одредбите за засновање работен однос во МВР без јавен оглас, воведување обврска за поднесување изјава за имотната состојба и интереси, ревидирање на дисциплинските процедури, како и оперативна независност на полицијата.
За делот кој се однесува на тестот за интегритет, таа посочи дека претставува контрола на постапување на работникот во МВР и тоа во симулирана ситуација која е идентична на неговите работни задачи и активности, без обврска претходно да биде известена организациската единица во која работи работникот.
„Негативниот резултат на тој тест претставува основа за поведува дисциплинска постапка против работникот, бидејќи тоа би значело дека тестираниот работник не го докажал својот професионален интегритет при извршување на задачите, не постапувал согласно законот и покажал склоности кон корупција…“,
додаде Николова.
Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се работи за законско решение со кое се сака да се партизира МВР. Со ова законско решение, посочи таа, може да има унапредувања три скалила во МВР без потребни услови, а јавни огласи ќе нема…