Според наводите, тоа се луѓе што работат под дипломатски статус, но всушност вршат разузнавачки активности против Полска
Полската Агенција за внатрешна безбедност подготви список со 45 руски дипломати осомничени за шпионажа и побара нивно протерување од земјата, изјави портпаролот на координаторот на полските разузнавачки служби Станислав Зарин.
„Тоа се луѓе што работат под дипломатски статус, но всушност вршат разузнавачки активности против Полска“,
рече Зарин.
Тој додаде дека на оваа листа, која е предадена на Министерството за надворешни работи, има вработени во руските специјални служби, како и лица што соработуваат со нив.
Владиниот портпарол изјави дека рускиот амбасадор е повикан во Министерството за надворешни работи и по средбата ќе бидат објавени одлуките за понатамошните чекори.