Законското решение со кое се уредува системот на евиденција во матичните книги на родени, венчани и умрени треба да ги пресретне брзите промени на современите текови и затоа e потребно да се има предвид и процесот на дигитализација и интероперабилност, велат од Министерството за правда
Повлекувањето од Собранието предизвика и бурни реакции од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија од каде што го осудија ваквиот потег и потсетија дека ЕСЧП од Стразбур со пресуда веќе ја задолжи државата да овозможи брза и лесна административна постапка за правно признавање на родот врз основа на себеопределување
Владата, поради доусогласување со други законски одредби, ги повлече од Собранието предлог измените на Законот за матична евиденција, кој изминативе денови предизвика реакции во јавноста бидејќи беше критикуван дека овозможува промена на пол само со изјава заверена на нотар
„Се повлекува поради доусогласување со Закон за матична евиденција поради потребата за реформирање на системот на регистрација на новородени деца со оглед на фактот што законските одредби се застарени и не одговараат на реалната состојба со која се соочува нашиот правен систем. Од друга страна пак, законското решение е застарено во поглед на неевидентираните лица и истиот е потребно дополнително да се усогласи со Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени којшто е донесен во 2020 година. Законското решение со кое се уредува системот на евиденција во матичните книги на родени, венчани и умрени треба да ги пресретне брзите промени на современите текови. Од таа причина, потребно е да се има предвид и процесот на дигитализација и интероперабилност“,
велат од Министерството за правда.
Овие законски измени денеска требаше да се најдат пред Комисијата за политички систем во Собранието, но по одлуката на власта да го повлече предлогот, прес-конференција пред законодавниот дом денеска организираат од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија од каде најостро го осудија ваквиот чекор.
Според мрежата, со ова, нашата држава потфрла да изгради општество за сите.

„Со ова нашата држава најпрво потфрла да изгради општество за сите, на премиса на која всушност и дојде на власт. Второ, потфрла да ја исполни обврската кон Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), која произлегува од пресудата во случајот „Х против Македонија“, донесена во јануари 2019, со која експлицитно ја задолжува државата да овозможи брза и лесна административна постапка за правно признавање на родот врз основа на себеопределување“,
изјави денеска Лила Милиќ од Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во РСМ.
Таа истакна дека принципот на самоопределување е загарантиран со меѓународните стандарди со кои е обврзана нашата земја, а Советот на Европа ги поддржува сите земји-членки при остварувањето на ова право, без оглед дали се однесува на себеопределување како национален и етнички идентитет или родов идентитет.
„Барањата на одредени пратенички групи за измени во законот со кои би се предвиделе насилни медицински интервенции врз трансродовите луѓе, како што се дијагностицирање, хормонска терапија, хируршки зафат или стерилизација, како предуслов за пристап до правно признавање на родот е спротивно на Уставот на РСМ, кој го гарантира телесниот интегритет на сите овие граѓани. Дополнително, ваквиот предлог е спротивен на одлуката на Светската здравствена организација и последната ревизија на класификацијата на болести каде трансродовите состојби се повлечени од кластерот за ментални заболувања“,
сподели Милиќ.
„Се шират лажни вести“
Таа го посочи и загрижувачкиот факт што во медиумите се шират голем број лажни вести и се споделуваат изјави од политичари кои, според неа, не се базираат на точни информации.
„Веста, на пример, дека усвојувањето на Законот за матична евиденција е вовед во истополови бракови е целосно неточна, затоа што предлог-законот предвидува задолжителен развој за сите кои сакаат да пристапат до правно признавање на родот. Понатаму, загрижени сме за ширењето на паника дека овој закон може да придонесе до широка злоупотреба, без притоа да се провери праксата во земјите каде овие закони се во сила веќе долго време и каде злоупотреба на правното признавање на родот досега не е утврдена“,
рече таа.
Спроведувањето на овој закон, според мрежата, нема буџетски импликации, ниту пак какви било други негативни влијанија за општата јавност.
„Пратениците да го прочитаат законот“
Наташа Бошкова, адвокат и правна советничка во Коалиција Маргини посочи дека загрижува фактот што, како што рече, најгласните пратеници кои се противници на овој закон, очигледно го немаат прочитано предлог-законот.

„Кажувањата дека со усвојувањето на предлог-законот ќе се злоупотребуваат законите за извршување на санкции, ќе се злоупотребуваат законите за искористување на правото на пензија, не се точни, затоа што самиот закон предлог има гаранција за граѓаните кои ќе пристапам до правно признавање на родот да не можат да ги злоупотребат и, дополнително, секој од овој закон во својата област ќе треба да си ја доуреди процедурата за регулирање на правата на граѓаните“,
рече таа.
Според неа, аргументите за тоа дали треба или не треба да се усвои овој закон треба да се соочат во собрание.
„Жалам што законот е повлечен, година дена законот седи во Собрание, никој не нè покани на јавна расправа да ги соочиме овие аргументи, да ги соочиме прашањата па да разобличиме дали овие стравови на дел од пратениците се оправдани или се извор на далеку вкоренета трансфобија“,
рече Бошкова.
Од мрежата повикуваат Владата да го врати законот во Собрание и таму да се разговара за сите спорни прашања дали треба или не треба да се усвои.