Тој им рече на италијанските пратеници дека неговата земја е на работ да ја преживее војната со Русија
Во изјава по говорот на Зеленски, италијанскиот премиер Марио Драги рече дека Украина дала херојски отпор и руската влада ја обвини за ароганција
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати пред италијанскиот парламент, што е најново во серијата обраќања пред националните собранија ширум светот.
Како и досега, тој тоа го направи преку видеоврска од својот претседателски кабинет во Киев.

Тој им рече на италијанските пратеници дека неговата земја е на работ да ја преживее војната со Русија и предупреди дека Москва сака да се пробие до остатокот од Европа.
„За руските војници Украина е портата на Европа, каде што сакаат да упаднат, но не смее да се дозволи варварството да помине“,
рече тој.
Тој го повтори својот апел упатен во претходните обраќања за повеќе санкции кон Русија – Италија да ги замрзне сите средства на руската елита и да прогласи целосно трговско ембарго, вклучително и нафтата.
„Добро знаете кој им наредува на војниците да војуваат и кој го пропагира тоа. Речиси сите ја користат Италија како место за одмор. Не бидете одморалиште за убијци. Замрзнете ги сите нивни имоти, сметки и јахти. Замрзнете ги сите средства на оние кои имаат влијание, нека го искористат за мир. Поддржете ги санкциите против Русија, целосно трговско ембарго, почнувајќи од нафтата“,
ги повика тој пратениците.
Тој, исто така, побара од Италија да им забрани на руските бродови да влегуваат во италијанските пристаништа и да ги санкционира сите руски банки.
„Оваа војна мора да заврши што е можно поскоро. Вратете го мирот. Отстранете ги непријателските трупи од Украина. Извршете деминирање – и реконструкција. Реконструкција на Украина по оваа војна. Заедно со вас, заедно со Италија. Заедно со Европа. Заедно – во Европската унија“,
додаде тој.
Италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека неговата земја сака да ја види Украина во ЕУ и дека мора да ѝ понуди воена помош на земјата за да ги запре масакрите.

Во изјава по говорот на Зеленски, тој рече дека Украина дала „херојски“ отпор на руската инвазија.
„Ароганцијата на руската влада се судри со достоинството на украинскиот народ, кој успеа да ги ограничи експанзионистичките цели на Москва и да наметне огромна цена на окупаторската армија“,
рече тој во парламентот.
Претходно Зеленски разговарал и со папата Франциско и предложил Ватикан да биде посредник за завршување на војната со Русија.
Во објава на Твитер, Зеленски напиша дека му кажал на Папата за „тешката хуманитарна ситуација“ и за тоа како руските трупи ги блокираат коридорите за спасување.
„Ќе биде ценета посредничката улога на Светата Столица во ставањето крај на човечкото страдање“,
напиша Зеленски.
Во понеделникот Зеленски рече дека Ерусалим потенцијално може да биде локација за идни мировни разговори на највисоко ниво меѓу Украина и Москва.
Talked to @Pontifex. Told His Holiness about the difficult humanitarian situation and the blocking of rescue corridors by Russian troops. The mediating role of the Holy See in ending human suffering would be appreciated. Thanked for the prayers for Ukraine and peace. pic.twitter.com/wj4hmrTRGd
— Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) March 22, 2022
Зеленски утре треба да се обрати пред француското национално собрание, откако изминатите денови одржа говори пред американскиот Конгрес минатата недела, како и пред германскиот Бундестаг, британскиот, канадскиот и израелскиот парламент и пред Европскиот парламент.
