Прашањето за нивно укинување досега не е отворено, велат од Владата
Досега не е отворено прашањето за укинување на сертификатот за вакцинација за влез во угостителските објекти, рече портпаролот на грчката влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави МИА од Атина.
Тој вели дека Владата секогаш сериозно ги зема предвид препораките на Комисијата на епидемиолози, и истакна дека досега не е отворено такво прашање и посочи дека вниманието мора да остане насочено кон пандемијата, бидејќи „невакцинираните и понатаму се во опасност“.
„Во овој момент нема нешто такво на маса, доколку се постави и кога ќе се постави, Владата ќе излезе со став“,
рече Иконому одговарајќи на новинарско прашање за натписите во медиумите за евентуално укинување на задолжителниот сертификатот за влез во угостителските објекти.
За ситуацијата со ковид-19 во земјата, портпаролот на грчката Влада истакна дека пандемијата не е завршена и треба да продолжат напорите за зголемување на имунизациската покриеност.
Претходно министерот за здравство во интервју за грчка телевизија рече дека е очекувано на есен да има зголемен број заразени.