Рускиот лидер во продолжение од својот говор цитираше и делови од Библијата

Рускиот претседател Владимир Путин во денешното обраќање рече дека рускиот народ на референдум сам одлучил да живее на своја земја и да одлучува за својата судбина, пренесуваат руските медиуми.
Тој на стадионот „Лужники“, каде што се одржува концертна прослава за годишнината од припојувањето на Крим кон Русија, им го честиташе празникот на присутните граѓани и одржа подолг говор.
Путин порача дека ќе бидат реализирани сите зацртани планови и додаде дека жителите на Крим направиле вистинска работа поставувајќи им тврда бариера на патот на неонацистите.
Рускиот лидер потоа зборуваше и за актуелната „специјална воена операција во Украина“.
„Луѓето што живееле и живеат во Донбас не се согласија со државниот удар. Против нив се веднаш организирани казнени воени операции и тоа не само една. Веднаш беа ставени во блокада и беа цел на систематско гранатирање од топови и воздушни удари. Тоа е она што се вика геноцид“,
изјави Путин.
Тој потоа откри и која е целта на Русија во војната со Украина.
„Главната цел на руската операција е да се ослободи Донбас и да се спасат луѓето од овие страдања, од овој геноцид. Тоа е главната причина и цел на воената операција“,
изјави Путин.
Рускиот лидер во продолжение од својот говор цитираше и делови од Библијата.
„Од Светото писмо произлегуваат зборовите: ‘Нема поголема љубов од таа кога некој би ја дал својата душа за своите пријатели’. Одамна не сме имале вакво единство“,
порачал Путин.