Aко се погледне логото на руската компанија, тоа целосно потсетува на американската – но познатиот жолто-црвен знак на американскиот гигант за брза храна е ротиран за да се добие руската буква В
По повлекувањето на синџирот ресторани „Мекдоналдс“ од Русија, експресно се појави „Вујко Вања“која треба да биде замена за американската фирма. Ако се погледне логото на руската компанија, тоа целосно потсетува на американската – но познатиот жолто-црвен знак на американскиот гигант за брза храна е ротиран за да се добие руската буква В.

Регистрацијата на трговската марка „Вујко Вања“ била поднесена до руските власти минатата недела, наведува Индипендент.
Претседателот на државното Собрание, Вјачеслав Володин, минатата недела објави дека „Вујко Вања“ треба да го замени „Мекдоналдс“.
Според властите во Москва, домашните угостителски фирми може да заменат 250 ресторани на „Мекдоналдс“ во руската престолнина во рок од една година. Се наведува и дека Градскиот совет доделил 500 милиони рубљи (околу 4,36 милиони евра) како субвенција.
Синџирот ресторани „Мекдоналдс“ во Русија повеќе од 30 години служеше како симбол на „затоплувањето на односите Исток-Запад“ по т.н. Студена војна.
„Мекдоналдс“ неодамна објави дека привремено ги затвора сите 847 свои ресторани во Русија бидејќи светските брендови се соочуваат со притисок од потрошувачите да се спротивстават на инвазијата на Владимир Путин на Украина.