При контролата на пазарниот инспекторат се утврдило дека маслото за јадење било отстрането од рафтовите, а на купувачите им се давало масло како подарок, само доколку направат сметка со одреден износ
Синџир на маркети заработи казна од речиси 16 илјади евра затоа што ги условувал купувачите, информираат од Државниот пазарен испекторат (ДПИ).
Трите маркети од истиот синџир се казнети со по четири илјади евра, а одговорните лица во нив по 1 200 евра.
При контролата на инспекторите се утврдило дека маслото за јадење било отстрането од рафтовите, а на купувачите им се давало масло како подарок, само доколку направат сметка со одреден износ.
„Констатирана е залиха на масло во магацинот, која што не беше изложена на рафт. Исто така, кај три објекти каде што се врши трговија се издадени прекршочни платни налози по закон за заштита на потрошувачи, се однесува за условување на едни производи со купување на други производи. Казната е 4 илјади евра за правното лице и по 1 200 евра за одговорното лице“,
рече Анета Симеска Димоска, директорка на ДПИ.
Во последните шест дена инспекторите казниле вкупно 41 трговец поради непочитување на органичените маржи или поради немање на дневна евиденција.
Од денеска пазарните инспектори започнале и со контрола на производителите на масло за јадење а од утре ќе се прават контроли и на производителите на брашно. Инспекторите уверуваат дека производителите имаат доволни количини на масло за јадење за да ги покрие потребите за следните три месеци.
Од денеска на сила стапи и новата владина мерка според која основните прехранбени продукти во маркетите ќе се продаваат за нула отсто ДДВ, а одлуката ќе важи за: лебот, брашното тип-400, млекото (со масленост 2, 3,2 и 3,5 проценти), белиот шеќер, сончогледовото масло, месото, белиот ориз и јајцата.
Според одлуката, која беше усвоена и од Собранието, најдоцна до денеска маркетите мора да ги приспособат фискалните апарати и да ги продаваат основните прехранбени производи со нула отсто ДДВ.
Министерот за економија Крешник Бектеши потсети оти од денеска стапува во сила оваа мерка и апелираше до граѓаните да си ги бараат своите фискални сметки во маркетите за да имаат увид за кои производи плаќаат ДДВ, а за кои не, како и да пријавуваат.