Од партијата забележуваат и зошто седницата на Советот не била јавно пренесувана и целиот процес не бил транспарентен
Истите обвинители поради кои државава е најкриминална во Европа сега се со нов мандат, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако Советот на јавни обвинители денеска ги реизбра истите пет обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска.
Оние што до сега не гонеа и штитеа организиран криминал, велат од партијата, сега ќе треба да го гонат криминалот.
„Со истите овие обвинители и оваа власт на СДСМ и ДУИ државава стана најкриминална во Европа според сите мерења. Тоа е заслуга на истите обвинители кои денес одново добија функција. Ова се истите обвинители што му прогледуваа низ прсти на Ден Дончев и го пуштија да избега откако претходно го виде цела јавност како зема мито. Истите обвинители пуштаа на слобода и се откажуваа од гонење на осудени криминалци, мистериозно од затвор ослободуваа учесници во сообраќајни несреќи, не го ни чепнаа Зоран Заев и целиот негов клан за сите тендери во РЕК, Рекети, случајот Дака и десетици други скандали. Поради истите овие обвинители не му фали влакно на Оливер Спасовски кој делеше пасоши на криминалци и мафијаши кои доаѓаат од целиот свет, бандите и наркокартелите од Грчец се посилни од државата благодарение на истите овие обвинители“,
пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата забележуваат и зашто седницата на Советот не била јавно пренесувана и целиот процес не бил транспарентен.
Претходниот избор што се одржа во април лани, беше пренесуван во живо преку државната новинска агенција МИА со оглед дека немаше услови за присуство на новинари поради ковид-пандемијата.
Денеска, пак, имаше десетина новинари во Советот на јавни обвинители, од кои дел седницата ја следеа внатре во салата, а дел од ходникот бидејќи објаснувањето оттаму беше дека нема место за сите да бидат внатре со оглед на ковид-протоколите. Претходниот пат, на забелешка на новинарите зошто и оваа седница не се пренесува во живо, од Советот рекоа дека членовите одлучиле повеќе да нема пренос во живо, туку новинарите да ги следат седниците со физичко присуство.
На седницата, како што информиравме, Советот на јавни обвинители ги реизбра истите пет обвинители да продолжат да работат во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција: Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа-Кузмановска и Енѓулуше Кадриу-Леши.
Детали од седницата можете да прочитате ТУКА.