Директорот на Државниот завод на статистика Апостол Симовски најави дека на 30 месецов ќе бидат објавени конечните резултати од пописот, за што се подготвува настан во салата на Филхармонијата
Првиот човек на Државниот завод за статистика Апостол Симовски најави дека конечните резултати од пописот ќе бидат објавени на 30 март, за што се подготвува настан во салата на Филхармонијата.
„На пописот секој граѓанин имаше право да се попише како што смета. Илузија е да се очекува да има раст на населението кога има пораст на емиграција“,
вели Симовски во денешното гостување во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.
Според него, демографска стратегија пред 16 години била многу погрешна.
„Ни емигрираат млади луѓе кои го носат наталитетот. Треба друг тип политика. И кога ќе се направат најдобрите мерки, не може да се очекува демографски бум. Секој од нас да има можност од квалитетна работа, втор фактор – можност за квалитетно образование, требаат и квалитетно здравство и добра комуникација и петто, човечките потреби да има можност секаде да се задоволат. Проблемот е и со миграцијата на внатрешно ниво“,
посочува Симовски.
Пописот траеше од 5 до 30 септември 2021 година, а според податоците на Државниот завод за статистика објавени веднаш по завршувањето на пописот, беа попишани вкупно 1 832 696 лица, регистрирани се 568 175 домаќинства и 837 255 стана.
Последниот попис во државава беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2 022 547 лица.