Преку комуникација на социјалната мрежа, П.С. довел во заблуда 26-годишник од Кавадарци и ги злоупотребил неговите лични податоци, кредитна картичка и трансакциска сметка. Парите од кредитите и купените производи завршиле кај сопругата на П.С., кој издржувал затворска казна
Кривична пријава за измама, злоупотреба на лични податоци и неовластено влегување во компјутерски системи заработи 30-годишен стружанец, кој издржувал затворска казна во Штип.
ОВР-Кавадарци, како што соопшти МВР, поднесе пријава против П.С.(30) од Струга и А.С.(38) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела: измама, злоупотреба на лични податоци и оштетување и неовластено навлегување во компјутерски системи.
Како што се наведува, првопријавениот П.С., во септември 2021 година, преку комуникација на социјалната мрежа Фејсбук, довел во заблуда 26-годишник од Кавадарци и успеал да дојде до неговите лични податоци, кредитна картичка и трансакциска сметка. Потоа, податоците ги искористил за подигање кредити во повеќе финансиски друштва во име на оштетениот, како и за онлајн нарачки од различни продавници.
Паричните средства и производите завршиле на адреса кај второпријавената А.С., сопруга на првопријавениот, кој се наоѓал на издржување затворска казна во казнено-поправна установа „Штип“.