И покрај позитивниот тренд, надлежните засега не планираат укинување или ново олеснување на рестриктивните мерки. Министерот за здравство Беким Сали викендот изјави дека сè уште не е време за тргање на мерките бидејќи во земјите каде што тоа е направено имало повторно зголемување на бројот на заразени
Продолжува опаѓачкиот тренд на бројот на ковид-позитивни случаи,а со тоа паѓа и бројот на активни случаи на ковид кој изнесува 2 091. Половината од нив се во Скопје.
По главниот град најмногу активни случаи на ковид има во Прилеп 148, во Битола 135 и во Велес 101, додека во другите градови нивниот број е под сто. Без ниту еден случај се Дојран и Пехчево.
Во изминатото деноноќие, според статистиката на Институтот за јавно здравје, од направени 1 996 теста, регистрирани се 198 позитивни на ковид-19, или 9,9 отсто. Евидентирани се и девет починати, а оздравеле 276 лица.
И покрај позитивниот тренд, надлежните засега не планираат укинување или ново олеснување на рестриктивните мерки. Министерот за здравство Беким Сали викендот изјави дека сè уште не е време за тргање на мерките бидејќи во земјите каде што тоа е направено имало повторно зголемување на бројот на заразени.
„Ние како Министерство за здравство, Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести постојано следиме што се случува со државите кои што ги прекинаа мерките. Таму имате нагло враќање, односно зголемување на бројот на новоинфицирани. Според новата методологија која се практикува во сите држави, а тоа е мерење на ризикот врз здравствениот систем, не за поединците, еден од индикаторите е бројот на новозаразени, но важен индикатор е и бројот на пациенти кои се хоспитализираат. Според таа состојба, ние се уште не сме подготвени за намалување на мерките“,
истакна Сали.
Од почетокот на пандемијата, бројот на ковид-позитивни во земјава изнесува 301 491, на оздравени е 290 254, а починаа 9 146 лица. Направени се вкупно 1 922 182 тестирања на ковид-19.