Демонстрантите носеле украински и европски знамиња и пееле антивоени песни

Околу десетици илјади граѓани денеска протестираа во Берлин, но и во уште неколку германски градови против руската инвазија врз Украина, соопштија од полицијата и организаторите, а пренесоа тамошните медиуми.
Во Берлин демонстрантите во близина на Бранденбуршката порта истакнаа транспаренти во боите на украинското знаме со натписи: „Стоп за Путин“ и „Стоп за војната“.
Во Франкфурт, според полицијата, околу 11 000 луѓе изразиле солидарност со Украинците. Протестите поминаа мирно и без инциденти. Демонстрантите носеле украински и европски знамиња и пееле антивоени песни.
Протести се одржаа во Штутгарт, во Лајпциг и во Хамбург. Протестите беа организирани од сојуз на повеќе од 40 организации за човекови права, синдикати и христијански здруженија.
Според организаторите, околу 125 000 луѓе се мобилизирани низ целата земја, но денеска во Берлин имаше помалку луѓе од пред две недели.