Со тактичко показна вежба, доделување признанија и благодарници и низа свечености денеска во касарната „Илинден“ се одбележа 41-годишнината од формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.

Министерот за внатрешни рабори, Оливер Спасовски, порача дека претставува чест да се одбележи годишнината од формирањето на најреномирана полициска формација во рамки на МВР.
„На прагот од петтата деценија САЕ „Тигар“ од аспект на професионалност и стручност на нејзините пропадници претставува вистинска гордост не само на МВР, туку генерално на Северна Македонија, и на тоа сум длабоко убеден“,
изјави Спасовски.
Тој нагласи дека единицата „Тигар“ е неизоставен сегмент од оперативните акции на МВР и тие се секогаш подготвени за најтешките мисии и без нив речиси не може да помине некоја поголема полициска акција за сузбивање на криумчарење на дрога и криумчарање мигранти. Заедно со останатите единици, тие биле дел од бројни активности, во кои се запленети седум тони хероин во вредност од околу 300 милиони евра, 1,2 тони психотропни супстанци во вредност од 200 милиони евра и над два тони марихуана со вредност од 4,5 милиони евра.
Премиерот Димитар Ковачевски, порача дека единицата „Тигар“ е синоним за обученост по највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и насилниот криминал, и претставува група од максимално посветени и врвно обучени поединци подгитвени да се справат со секој предизвик, кој може да биде закана за безбедноста на земјата.
„Вие и вашата единица испраќате силна порака дека Република Северна Македонија има добро подготвен и функционален систем за национална безбедност за борба против сите облици на криминал, а особено за борба против тероризмот“,
изјави Ковачевски.
Цвеќе пред спомен плочата на загинатите припадници на единицата положија делегации од Владата, Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедности и семејствата на загинатите претставници.

Командантот на единицата, Митко Даневски, посочи дека „Тигар“ претставува професионална и високо опремена единица, која само во текот на минатата година имала обуки и вежби со зелените беретки на САД, како и специјалните единици „Кобра“ од Австрија, „Урна“ од Чешка, „Карабинерите“ од Италија и „Раи“д од Франција.
„Реализирани се повеќе од 100 акции за сузбивање криминалистички групи и апсење на вооружени лица, од кои 57 акции беа насочени кон спречување недозволена тргоција со наркотици и беа запленети повеќе од три тони наркотици и поголема количина на оружје. Извршени се и 69 упади во објекти и 13 препади на моторни возила со присилно запирање, при што лишени од слобода се 89 лица“,
изјави Даневски.
Единицата минатата година е ребрендирана од единица за специјални задачи во единица за Специјална антитерористичка единица.