„САД се силно заинтересирани и практично го помагаат проектот и иницијативата, а како поле каде што ќе дадат најголема поддршка е привлекувањето американски и европски инвеститори“, вели Марјан Забрчанец, национален координатор за „Отворен Балкан“
„Властите во САД изразија силна и јасна поддршка за регионалната иницијатива „Отворен Балкан”, а како импресивна беше оценета економската и политичката соработка која се развива меѓу трите земји членки, со можност истата да се проширува. Тие особено се заинтересирани да го поддржат овој поинаков Западен Балкан кој не е базиран на 90-те, туку на денешната реалност во нашиот регион“, изјави Марјан Забрчанец, национален координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи во интервју за Нова ТВ.
Тој додаде дека САД се силно заинтересирани и практично го помагаат проектот и иницијативата, а како поле каде што ќе дадат најголема поддршка е привлекувањето американски и европски инвеститори.
„Американските и европските инвеститори пред себе ќе гледаат потенцијали на цел еден регион, а не само на една земја. Бенефитот ќе биде повеќестран, за државите, за инвеститорите, но пред се за граѓаните кои живеат тука во Северна Македонија, Албанија и Србија“,
рече Забрчанец.
Тој додаде дека проектот „Отворен Балкан“ е автентична интерпретација на Берлинскиот процес и засилувач на европксата интеграција на регионот.
„Отворен Балкан е наша, на државите членки, автентична интерпретација на Берлинскиот процес, засилувач на европската интеграција на регионот и е во целосна усогласеност со европските политики и регулативи“,
вели тој.
Тој додаде дека САД позитивно ја оценуваат иницијативата и ја поттикнуваат отвореноста со цел приклучување и на други земјите од регионот.
„Во сите области имаме сериозен и видлив напредок, а ги имаме и првите резултати на директен бенефит за реалниот сектор, во случајов за компаниите кои извезуваат земјоделски производи. Имено, сега со Отворен Балкан, сериозно се скратени постапките околу фитосанитарните, ветеринарните и останатите безбедносни проверки на квалитетот на храна и земјоделски производи, службите работат 24 часа, 7 дена во неделата, а било какви предизвици во спроведување на новиот модел на “крената рампа” брзо се решаваат преку заедничка силно изразена волја и соработка меѓу трите држави“,
рече тој.
Забрчанец додаде дека Отворен Балкан ќе станува се поатрактивна иницијатива, имајќи предвид дека од ден на ден се зголемува бројот на граѓани и комапнии кои ги гледаат, разбираат и чувствуваат директно нејзините придобивки и олеснувања.