Како што додаде Бектеши, трговците нема да имаат добивка единствено за три производи, односно за производите кои од вчера се продаваат по набавна цена, а тоа се лебот, брашното тип 400 и маслото за јадење
Ниту еден од трговците нема да има загуби од одлуката за ограничување на маржите, имајќи предвид дека се признаваат оперативните трошоци во формирањето на цената, истакна на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
„Само за три производи нема да имаат добивка, а нема супермаркет или маркет што има под 300-400 производи. За големите и да не зборуваме“,
истакна Бектеши одговарајќи на новинарски прашања откако на прес-конференција во Владата соопшти дека стапува во сила забраната за извоз на пченица, пченка, јачмен, брашно и масло.
Според Бектеши, за време на викендот или на почетокот од идната недела ќе има конкретни резултати од анализата како се применува Одлуката за ограничување на маржите на терен.
„Најважно е што Одлуката е донесена во целосна соработка со коморите и е потврдено дека ќе биде одржлива по барање на големите синџири, трговците на мало и на големо“,
подвлече министерот.
Според Одлуката на Владата, лебот, брашното и маслото за јадење од вчера се продаваат по набавна цена, а за другите основни прехранбени производи маржата се намалува од 5 на 4 проценти во трговијата на големо и од 10 на 3 процени во трговијата на мало.
Со оваа мерка, вели премиерот Ковачевски, ќе се спречи создавање голем профит, а ќе се влијае и на ублажување на влијанието на ценовниот шок врз одбрана категорија на прехранбени производи.
Оваа одлука, по предлог на Министерството за економија, ја усвои Владата на седница, меѓу вкупно 26 мерки кои беа донесени, a во насока на ублажување на економската криза во која во моментов се наоѓа Северна Македонија.