Според последните статистики на Агенцијата за бегалци на ОН, од Украина во Полска избегале речиси милион и половина бегалци, а во Руската Федерација засолниште нашле околу 97 илјади бегалци
Од воените дејствија во Украина досега во други земји засолниште побарале повеќе од 2,3 милиони лица, соопшти денеска Агенцијата за бегалци на ОН.
Според последните статистики на Агенцијата за бегалци на ОН, од Украина во Полска заминале над еден милион и четиристотини илјади бегалци, а полските гранични служби денеска објавија дека од почетокот на воените дејствија во Украина на 24 февруари до денеска во Полска влегле 1,43 милиони бегалци.
Само во текот на вчерашниот ден во Полска пристигнале 117 600 украински бегалци, а денеска до 7 часот изутринава украинско-полската граница ја преминале околу 22 илјади лица.
Последните податоци на Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) велат оти во Унгарија избегале над 214 илјади украински бегалци од почетокот на кризата во Украина, а во Словачка се засолниле околу 165 илјади од бегалците.

Во Руската Федерација засолниште нашле 97 илјади бегалци а во Романија побегнале 84 илјади луѓе.
Во Молдавија побегнале речиси 85 илјади луѓе од Украина, а најмал дел од бегалците, само 765 заминале во Белорусија.
Во трети европски земји кои не се соседни на Украина избегале над 258 илјади лица.