Еден отсто од малите потрошувачи и домаќинства трошат 20 отсто од струјата и се разгледува можност тие да плаќаат повеќе, најавува премиерот
Една од препораките до министерствата и институциите е максимално да се рационализираат трошоците, изјави премиерот Димитар Ковачевски во гостување на ТВ 24. Тој додаде дека тоа не се однесува само на службените возила, туку и на трошењата за репрезентација и службени патувања.
„Сите слободни средства од министерствата и јавните претпријатија се пренаменуваат за справување со енергетскат акриза. Мора да се одржи ликвидноста на сите компании во енергетскиот сектор. Не може да бараме од граѓаните да штедат, ако примерот не го дадат политичарите“,
рече Ковачевски.
Тој најави дека уште утре пред пратениците ќе се најдат измените на законите кои се важни за имплементацијана мерките што Владата ги определи за ублажување на кризата.
„Потпишани се измените на Законот за акцизи и на Законот за данок на додадена вредност и апелирав до сите пратеници да се на ниво на задачата и да гласаат за што побрзо за да почне нивната примена“,
рече Ковачевски .
Буџетот за 2022 година, укажа, беше планиран со намалени трошоци за осум проценти. Трошењата за мебел, автомобили и други непродуктивни трошоци се на минимум.
Премиерот истакна дека ова е најголемата криза што ја зафатила Европа по Втората светска војна и оти никој не може да предвиди до каде ќе оди.
„Цената на нафтата во последните пет дена расте по 100 долари дневно. Ние сме земја што 100 отсто увезува нафта и нафтени деривати и очекувам дека цената ќе продолжи да расте“,
рече Ковачевски, објаснувајќи дека буџетот ги предвидува сите давачки и задолжувања и оти сите дополнителни трошења сега се во рамките на предвидениот план.
Повтори дека имаме доволно резерви со нафта.
„Имаме резерви на нафта согласно нашите потреби, ние можеме да ја купиме цела нафта на светот, но мораме да ја складираме некаде. Цената на нафтата која ја имаме во резерва е со пониска цена, но количините се ограничени и тие што можете да ги купите и тие што може да ги складирате“,
рече Ковачевски.
Како што наведе, еден отсто од потрошувачите трошат 20 отсто од струјата и се разгледува можност да плаќаат повеќе.
„Еден отсто од малите потрошувачи и домаќинствата користат 20 отсто од електричната енергија. Се разгледуваат можностите, а РКЕ треба да донесе одлука, тие да плаќаат струја по повисока цена, бидејќи домаќинство што користи толку струја не троши само за домашни потреби“,
објасни Ковачевски.
Посочи дека цената за електрична енергија што ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи е субвенционирана од државата.
„Тие што плаќаат по субвенционирана цена, а остваруваат одреден профит со таа енергија ќе има тарифни модели за да платат повеќе. На сметка на тоа, други ќе платат помалку“,
рече премиерот, посочувајќи дека надлежните треба да излезат и да кажат за што се користи таа енергија од тие еден отсто кои трошат многу повеќе од другите.
Со диверзификацијата на изворите на гас, вели Ковачевски, ќе дојде до намалување на неговата цена.
„Северна Македонија веќе донесе одлука за влегување во проектот ‘Александрополи“, што е терминал за течен гас. На тој начин ќе имаме диверзификација на изворот на гас, со што ќе се намали цената“,
рече Ковачевски.
Информираше и дека е во план и изградба на гасна централа, за што ќе се собираат понуди од странски инвеститори, а се разгледуваат и можносите за трансформација на постојните термоелектрани во гасни електрани