Подготвеноста на властите во справувањето со коронавирусот е одлична. Им честитам на властите, бидејќи Северна Македонија направи проценка на капацитетите дали има доволно човечки ресурси и инфраструктура, дури и пред да се појави првиот случај на болеста, вели регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клухе, кој е во посета на земјава.
Според него, во земјава се применуваат сите стандардни оперативни процедури на влезните точки, вклучително и на меѓународните аеродроми.
Во интервју за МИА, Клухе, кој е специјалист за инфективни болести, порачува дека нема место за паника
„Целосно ја разбирам загриженоста на луѓето за нивното здравје и здравјето на нивните семејства. Вирусот е нов, затоа имаме сериозен пристап. Но, треба да запомниме – денеска има 81 000 случаи, од кои 97 отсто се во Кина, а останатите три проценти се надвор од Кина, во 47 земји“,
вели Клухе.
Тој дава и вакво објаснување на ситуацијата: од пет пациенти, секој четврти или 80 отсто има благи симптоми и заздравуваат успешно, кај 15 отсто има посериозни симптоми, а само пет отсто се во критична состојба.
„Смртноста од сезонски грип е сепак помала, но да не заборавиме дека според проценките, секоја година 60 000 до 70 000 луѓе умираат од сезонски грип за кој имаме развиено вакцина со висока ефектност. Мојата порака е – нема простор за паника“,
вели регионалниот директор на СЗО за Европа.
*Поврзани вести: