Двете делегации последен пат се состанаа во регионот Брест во западна Белорусија на две рунди мировни преговори и се договорија да има хуманитарни коридори за градовите Мариупол и Волноваха за да се олесни евакуацијата на цивилите
По 12 дена од започнувањето на руската инвазија врз Украина, Украина и Русија се очекува да се сретнат на третата рунда преговори, за која двете страни рекоа дека може да се одржи денеска.
Локацијата и точното време на разговорите првично не беа соопштени.
Двете делегации последен пат се состанаа во регионот Брест во западна Белорусија на две рунди мировни преговори и се договорија да има хуманитарни коридори за градовите Мариупол и Волноваха за да се олесни евакуацијата на цивилите.
Сепак, обидот за евакуација на Мариупол не успеа вчера, а Русија и Украина ја разменија вината за непридржување кон договорениот прекин на огнот.
На барање на францускиот претседател Емануел Макрон упатено до рускиот претседател Владимир Путин, руските вооружени сили од 10 часот објавуваат прекин на огнот и отворање хуманитарни коридори од Киев, Мариупол, Харков и Сума, соопшти Меѓуресорниот координативен штаб за хуманитарна реакција во Украина.
„Земајќи ја предвид катастрофалната хуманитарна ситуација и нејзиното нагло влошување во градовите Киев, Харков, Сума и Мариупол, како и на лична молба на претседателот на Франција, Емануел Макрон, до претседателот на Русија, Владимир Путин, руските оружени сили од хумани причини објавуваат прекин на огнот на 7 март 2022 година од 10 часот, како и отворање хуманитарни коридори“,
наведуваат од Штабот.
Шефот на украинската делегација за разговори со Русија, Давид Арахамија, ги отфрли суштинските барања на Русија како „неприфатливи“ во интервју за Фокс њуз.
„Не би рекол дека се движиме брзо затоа што секојдневно имамногу убиени луѓе, особено цивили“,
рече тој вчера на прашањето за напредокот на преговорите.
Арахамија додаде: „Единствените делови за кои е речиси невозможно да се договорат се Крим и таканаречените републики кои Русија инсистира да ги признаеме како независни. Тоа не е прифатливо во украинското општество“.