Руската централна банка соопшти дека ја зголемува основната каматна стапка од 9,5 на 20 отсто за да се спротивстави на ризиците од падот на вредноста на рубљата и повисоката инфлација, додека официјалните лица се обидуваат да ги менаџираат последиците од западните санкции
Санкциите на Европската Унија против руската централна банка утринава стапија во сила откако беа објавени во официјалниот „Службен весник“ на ЕУ, а Швајцарија исто така соопшти дека е многу веројатно дека наскоро ќе ги замрзне руските средства во своите банки.
Санкциите вклучуваат забрана за трансакции со руска финансиска институција. Ќе се замрзнат и сите средства на банката во ЕУ за да се блокира финансирањето на војната на рускиот претседател Владимир Путин во Украина.
Исто така, ЕУ воведе санкции и против Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Мерката се смета за значајна како и планираното исклучување на руските финансиски институции од банкарската мрежа СВИФТ.
Портпаролот на Кремљ Дмитрија Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е рамнодушен кон санкциите против него бидејќи тој нема имот во странство.
„Тој е прилично рамнодушен“,
рече Песков на прашањето како Путин лично ги доживува западните санкции против него, додавајќи дека претседателот на Русија годишно го објавува својот имот.
Песков додаде дека Европската Унија има непријателски однос кон Русија и презема непријателски мерки.
„Европската Унија е здружение кое презема, да ги наречеме работите во нивното вистинско име, непријателски мерки против нас“,
додаде Песков.
Во меѓувреме, некои светски агенции јавија дека Песков рекол оти Русија ќе може да ги отстрани западните санкции поради нејзината инвазија на Украина.
За денеска е закажан и состанок на Путин со официјални лица за да разговара за економското влијание на санкциите.
Вредноста на руската рубља денеска падна за речиси 30 отсто во однос на доларот откако светските сили воведоа нови, построги санкции кон Москва поради нејзината инвазија на Украина.
Според „Блумберг њуз“, во офшор трговијата рубљата падна за 27 отсто, на 114,33 за долар.
Руската централна банка соопшти дека ја зголемува основната каматна стапка од 9,5 на 20 отсто за да се спротивстави на ризиците од падот на вредноста на рубљата и повисоката инфлација, додека официјалните лица се обидуваат да ги менаџираат последиците од западните санкции.