Бугарскиот премиер очекува утре парламентот да гласа за оставка што би ја поднел Стефан Јанев, чија позиција е разнишана откако избегна да го користи зборот „војна“ за руската инвазија врз Украина
Бугарскиот премиер Кирил Петков најави пред денешната седница на Владата во Софија дека ќе побара оставка од министерот за одбрана Стефан Јанев и дека очекува утре да се одржи вонредна седница на парламентот на која ќе се гласа за негово разрешување.
„Воен министер не може да го користи зборот операција кога станува збор за војна. Ниту еден министер не може да има своја надворешна политика“,
изјави Петков на брифинг пред седницата на Владата.
Како што јави „24 часа“, Петков вчера добил поддршка од лидерите на неговата коалиција за барањето оставка од Јанев. Според Петков, ниту еден министер не треба да мисли дека останување на функцијата е залог за коалицијата.
„Успешно работев со Јанев за време на првата преодна влада. Ја поддржувам политиката на инвестирање и откривање на сите дефицити во бугарската армија. Зошто барам оставка? Затоа што ниту еден министер нема право на своја надворешна политика, особено на Фејсбук. Мој министер не може да го користи зборот операција наместо војна, кога веќе се убиени илјадници војници од двете страни. Војници на возраст како мојата најстара ќерка“ ,
рече Петков.
Тој најави дека очекува веднаш да биде избран нов министер за одбрана, со оглед на случувањата околу Украина. Но за името на идниот министер рече дека ќе донесе одлука по состанок со коалициските партнери.
Јанев, кој ја предводеше преодната влада во Бугарија за време на трите последователни циклуси парламентарни избори, доцна синоќа преку објава на Фејсбук напиша дека очекува негова смена.
„Не очекувајте да поднесам оставка во оваа геополитичка ситуација, моите обврски како министер за одбрана не го наложуваат тоа. Доколку оставката е само прашање на процедура, сметам на коалициските ‘партнери’ и на политичката сила што наводно ме поддржувала, да ги придвижат работите по соодветниот ред“,
напиша Јанев на Фејсбук.
Позицијата на бугарскиот министер за одбрана се разниша откако тој одби да ја нарече војна руската инвазија на Украина. Како што јавија бугарските медиуми, Јанев се заплеткал уште повеќе во обид да објасни зошто не се осмелил инвазијата на руската армија во Украина да ја нарече „војна“, што стана јасно од негово интервју во емисијата „Панорама“ во петокот вечерта на БНТ. Во исто време, неколку десетици демонстранти се собраа пред националната телевизија за да побараат оставка од Јанев бидејќи тој „ја заведува јавноста за реалната ситуација во Украина“.
„Не го употребив зборот војна, туку се повикав на она што го кажа Путин и се осврнав на фактот дека употребата на зборот војна мора да биде многу специфична и одговорна“,
рече Јанев.
Според него, никаде на официјалниот јазик на НАТО и ЕУ нема документ во кој е употребен зборот „војна“.