Евентуалното признавање на независноста на Луганск и Доњецк, според американските медиуми, би бил потег што ќе ги засили тензиите со Западот поради стравувањата дека Кремљ би можел веднаш да почне инвазија на Украина
Седницата на Националниот совет за безбедност се одржува во време на зголемени престрелки во источна Украина, за кои западните сили веруваат дека Русија би можела да ги искористи како изговор за напад
Рускиот претседател Владимир Путин на денешната седница на Националниот совет за безбедност, која ја свика поради кризата во Украина, истакна дека е неопходно да се разгледа апелот на лидерите на двата сепаратистички региони во источна Украина, кои бараат Москва да ги признае како независни.
Евентуалното признавање на независноста на Луганск и Доњецк, според американските медиуми, би бил потег што ќе ги засили тензиите со Западот поради стравувањата дека Кремљ би можел веднаш да почне инвазија на Украина.
Водачите на сепаратистичките региони денеска објавија телевизиски изјави во кои апелираат Путин да ги признае како независни држави и да потпише договори за пријателство кои предвидуваат воена помош за да ги заштитат од, како што ја опишаа, тековната украинска воена офанзива. Долниот дом на рускиот парламент изнесе слично барање минатата недела.
Путин најави дека одлуката за Донбас ќе биде донесена врз основа на проценките за развојот на ситуацијата.
„На крајот, ние мора да одлучиме што ќе правиме следно (во Донбас) и како треба да дејствуваме, врз основа на актуелната ситуација и врз основа на нашите проценки за нејзиниот развој“,
рече тој.
Според Путин, приоритет на Русија не е конфронтација, туку обезбедување на сопствената безбедност.
Тој истакна дека употребата на Украина како инструмент за конфронтација со Русија е сериозна, многу голема закана за Москав и затоа во последните месеци, на крајот на минатата година, соработката со Вашингтон и НАТО е интензивирана со цел конечно да се постигне договор за безбедносните мерки и да се обезбеди мирен, просперитетен развој на земјата во мирни услови.
Седницата на Националниот совет за безбедност се одржува во време на зголемени престрелки во источна Украина, за кои западните сили веруваат дека Русија би можела да ги искористи како изговор за напад.
Путин во телевизиската изјава оцени дека заканата за Русија значително ќе се зголеми доколку Украина се приклучи на НАТО.