
Поради опасноста од ширење на коронавирусот, на Клиниката за детски болести од попладнето се забрануваат посети на малите пациенти.
„Ги замолуваме роднините на децата кои се хоспитализирани да имаат разбирање за оваа одлука, да не инсистираат на влез, бидејќи здравјето и безбедноста на детето е поважно од сѐ. Вратарската служба нема да допушти влез на ниту едно лице кое не е хоспитализирано со дете. Се замолуваат и родителите кои веќе лежат на Клиниката со своите малечки, без нужна потреба да не ја напуштаат клиниката, и да ги преземат сите мерки на заштита“,
соопштија од Клиниката за детски болести.
Забраната следува откако денеска се потврди првиот случај на заразен од коронавирус во Македонија. Станува збор за 50-годишна жена која утринава околу 3 часот била хоспитализирана на Инфективната клиника. Според информациите од здравствените власти, жената била во Италија повеќе од еден месец во посета на роднини. Две недели веќе била болна и се лекувала во тамошните болници каде не била тестирана за корона. Пристигнала во земјава со комбе преку граничниот премин Табановце, а здравствените власти ги испитуваат и патниците кои биле со неа.
Апелот од надлежните институции е да не се прави паника кај граѓаните и да се применуваат превентивните мерки.
*поврзана вест: Официјално: Потврден прв случај на коронавирус во Македонија
*поврзана вест: Караџовски: Пациентката со коронавирус е свесна, ориентирана и дише самостојно
*поврзана вест: (ВИДЕО) Попладневен лет од Тревизо – сите пуштени дома без симптоми на корона