Констатирани се и случаи на неиздавање фискална сметка, а Државниот инспекторат за труд констатирал 27 прекршоци за работење без договор за вработување
Четири угостителски објекти се затворени во Битола по акциска контрола на БЈБ, УЈП и надлежните инспекторати.
Од МВР соопштија дека ноќеска (20 февруари), во периодот од 01.30 до 04.30 часот, полициски службеници од Бирото за јавна безбедност, во координација со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд спровеле акциска контрола во четири ноќни клубови и кабареа во Битола.
Притоа, во два ноќни клуба е пронајдена дрога (прашкаста материја и марихуана) и ќе бидат поднесени кривични пријави по член 215 од Кривичниот законик. Едно лице употребило лажен ковид сертификат и за тоа ќе следува соодветна кривична пријава, а до надлежното обвинителство ќе биде поднесен поднесок и против сопственик на објект кој упатувал закани кон полициските службеници и инспекциските служби. Исто така, ќе следат соодветни поднесоци и затоа што во ноќен клуб е затекнат малолетник по 24 часот, а биле констатирани прекршоци и по законот за пушење.
Во четирите угостителски објекти биле пуштени 42 лица без да поседуваат ковид-сертификат. Државниот пазарен инспекторат ги запечатил објектите и ќе следат соодветни поднесоци.
Исто така, констатирани се и случаи на неиздавање фискална сметка, а Државниот инспекторат за труд констатирал 27 прекршоци за работење без договор за вработување.
Акциските контроли, велат од МВР, продолжуваат и во наредниот период.