Расправиите и препукувањата, главно, меѓу пратеници на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ околу законот за наставници, што почнаа вчера, продолжија и во текот на денешниот ден
Собраниската Комисија за образование заседаваше и денеска (сабота), откако вчера – на последниот ден од работната седмица, не успеа да почне расправа за законот со кој се регулира статусот на наставниот кадар во основните и во средните училишта.
Но тензиите од вчера продолжија и во текот на денешниот ден, кога членовите на Комисијата повторно неколку часа се довикуваа и препукуваа, а претседателката на работното тело, Жаклина Лазаревска, беше оневозможена да ја води седницата.
„ВМРО-ДПМНЕ денеска продолжи со своето срамно и недолично однесување. Со викотници и расправии, повторно ја блокира постапката за донесување на предлог-законот за наставници и стручни соработници. Со ова ВМРО-ДПМНЕ спречува покачување на платите на 27 000 наставници и стручни соработници. Спречува трансформација на работниот однос од определено на неопределено време на 4 700 вработени во училиштата, кои не можат да го регулираат работниот однос бидејќи предаваат во повеќе училишта или предаваат изборни предмети. ВМРО-ДПМНЕ речиси цела година го кочи предлог законот за наставници и стручни соработници, а денеска и вчера нивните деструкции ескалираа и покажаа дека сакаат да креираат кризи, дека се подготвени да применат и физичко насилство само за да не бидат усвоени овие измени“,
се наведува во реакција на СДСМ.
Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ, кој е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека нема да се дозволи партизација на образованието.
„И во сабота, и во недела. И на празник, и “во делник”, ќе го штитиме големото и чесно мнозинство наспроти ситното и корумпирано малцинство во Македонија. Нема да дозволиме партизација во образованието“,
напиша Пренџов на Фејсбук.
Законот за наставници, во прва фаза, е пуштен во собраниска процедура уште во јуни минатата година, кога министерка за образование беше Мила Царовска. Но, поради опструкциите, се уште не е ни почната суштинска расправа за него.