Операторите остануваат на најавите дека доколку не се најде прифатливо решение ќе го прекинат реемитувањето на сите ТВ-канали, освен јавниот сервис
Откако Македонската медиумска асоцијација во која членуваат петте домашни национални телевизии Алсат, Алфа, Канал 5, Сител и Телма на прес-конференција обвини дека кабелските оператори се противат на новиот Закон за медиуми и се закануваат со информативен мрак, бидејќи се занимаваат со пиратерија, со реакција се јавија операторите и најавија тужби.
„Со целосна одговорност тврдиме дека сите програми што се дел од пакетите на операторите се согласно домашната и меѓународната регулатива за реемитување програми. Сите инсинуации за учество на операторите во ‘пиратство’ ги отфрламе како неточни, паушални и тенденциозни, за ваквите тврдења нашите членки ќе поведат соодветни судски постапки. Сите договори за реемитување со странските радиодифузери содржат гаранции дека тие телевизии ги имаат регулирано авторските права за територијата на земјава“,
стои во соопштението на операторите.
Во реакцијата на Здружението на информатичко-комуникациски технологии, каде што се обединети сите оператори, посочуваат дека целта на телевизиите им била да се намали бројот на ТВ канали кои се реемитуваат во земјава.
„Барањето на 5-те телевизии со закон да се наметне ограничување за странските канали за да можат да се реемитуваат во земјава значи директно кршење на директивата за реемитување и директивата за ‘телевизија без граници’ и претставува обид за вовед во цензура. Ваквиот јавно искажан став на ММА јасно укажува дека мотивите и крајната цел за ваквото брзо носење на Измените на ЗААВМУ било токму притисокот со ваквиот Закон да се намали бројот на ТВ-канали кои ќе се реемитуваат во земјава“,
се вели во нивното соопштение.
Операторите остануваат на најавите дека доколку не се најде прифатливо решение, ќе го прекинат реемитувањето на сите ТВ-канали, освен јавниот сервис.
Поврзани вести:
Операторите одлучија да не реемитуваат домашни и странски ТВ-канали, освен МТВ