Откако кабелските оператори се заканија дека ќе го прекинат реемитувањето на домашните и странските ТВ-канали поради обврската да гарантираат за авторските права на содржините (согласно новиот Закон за медиуми), со реакција излезе Македонската медиумска асоцијација во која членуваат петте домашни национални телевизии Алсат, Алфа, Канал 5, Сител и Телма.
За телевизиите оваа најава на операторите е неодговорна и неразбирлива бидејќи, велат, операторите имале доволно време да се подготват за имплементација на законот. Атанас Кировски, кој зборуваше во име на Македонската медиумска асоцијација, порача дека телевизиите гарантираат за авторските права на нивната програма, а во заканите на операторите гледа само обид да продолжат да се занимаваат со пиратерија.
„Оние одредби од Законот за морална, материјална и кривична одговорност како што важат за операторите така важат и за телевизиите. Зошто ние не се плашиме? Зошто не се заканиме дека ќе исклучиме програма? Некој очигледно пиратира и сака да продолжи да пиратира и ѝ се заканува на јавноста дека ако не му биде дозволено да врши криминал ќе влезе во информативен мрак. Ова е крајно непринципиелно однесување“,
порача Кировски.
Реакциите на операторите дека законот е донесен набрзина и во нетранспарентна постапка, Кировски ги оцени како обид за манипулација бидејќи, како што рече, за законското решение имало јавни расправи и време за реакција од операторите. Порача дека очекува операторите да размислат за оваа одлука и да покажат општествена одговорност.
„Ние ги гарантираме авторските права на телевизиите 24/7. Во изминативе 25 години ниту еден закон не важел за телекомуникациските оператори, емитуваа и реемитуваа што ќе им падне на памет и пиратираа. Првпат кога некој побара и се заложи нивното работење да биде регулирано тие се заканија со одмазда врз граѓаните, телевизиите и врз сите чинители бидејќи една таква одлука ќе влијае и врз бизнисот, маркетинг-агенциите итн.“,
изјави Кировски.
Реакцијата на телевизиите следува откако Здружението на информатичко-комуникациски технологии, каде што се обединети сите оператори, најави дека нема да реемитуваат домашни и странски ТВ-канали, посочувајќи дека не можат да одговараат за авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Евентуалната одлука за прекин на реемитувањето на телевизиските канали најавија дека ќе биде во сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават надвор од сила спорните законски одредби.
Поврзана вест: Операторите одлучија да не реемитуваат домашни и странски ТВ-канали, освен МТВ