Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска е закажано ново рочиште за случајот за организацијата на настаните во Собранието на 27 април 2017 година. Во предметот обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Првото рочиште за овој судски процес беше закажано за 21 февруари (минатиот петок), меѓутоа, до давање воведни зборови и произнесување за вина воопшто не дојде бидејќи одбраната има неколку приговори и барања за да ги добие сите докази кои ги предлага обвинителството.
Судијата Илија Трпков, кој е на чело на судечкиот процес, го одложи судењето и најави дека ќе ги достави доказите до адвокатите и обвинетите.
Тогаш во изјава за медиумите обвинителката Вилма Русковска оцени дека одбраната се обидува да го одолговлекува процесот, а во таа насока посочи и дека секој од обвинетите има предложено по 300 сведоци. Од друга страна, пак, адвокатот на Владимир Атанасовски, Јордан Апостолски, рече дека не е точно дека неговиот клиент има 300 сведоци, туку десетина.
Тој смета дека обвинителството нема докази за неговиот клиент и оти обвинението е на „стаклени нозе“.
„Мислиме дека обвинителството не направи напор да ги утврди вистинските сторители, туку направи напор само да ги скрие и да најде некои други за во историјата да се впишат овие лица како нарачатели“,
рече адвокатот.
За што се товарат организаторите на крвавиот четврток
Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски денеска во судница ќе се појават како обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во истрагата за организаторите беа опфатени и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но затоа што тие се во бегство, како што соопштија од Обвинителство при поднесувањето на обвинението, постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.
Обвинението за случајот беше поднесено уште на 31 мај 2019 година, но оцената на обвинителниот акт постојано се одложуваше бидејќи беа изземени осум од девет судии во Одделението за организиран криминал затоа што по разни основи биле поврзани, односно учествувале во останатите предмети што се водеа пред судот за настаните од „крвавиот четврток“.
Според истрага на обвинителството, осомничените го подготвиле и го реализирале планот за 27 април 2017 година со цел да спречат мирно примопредавање на власта по парламентарните избори во декември 2016 година.
„За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето ‘За заедничка Македонија’, кои кулминираа со насилното влегување во Собранието. Обвинетите, како организатори, ги вклучиле севкупната партиска структура и материјалните средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието“,
тврди обвинителството.
Во седиште на ВМРО-ДПМНЕ двајца од обвинетите, според наодите на обвинителството, континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.
„Во исто време, еден од осомничените, за кого постапката е прекината поради недостапност (Никола Бошкоски), со возило во сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот ‘Жена борец’ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг-собата во Собранието на Република Македонија да ги извадат хард-дисковите од собраниските камери“,
наведоа од обвинителството кога во мај го поднесоа обвинителниот акт.
Ова е втор поголем судски процес што ќе се води за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Најобемниот предмет за „крвавиот четврток“ заврши со првостепена пресуда. Во него беа опфатени 33 лица, но 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година. Од останатите единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 211 години затвор. Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков – 18 години затвор.
Покрај овој, се водеа уште неколку други случаи за учество во толпа и за насилство.