Вицепремиерот вели дека не бегаат од отворените прашања и во разговорите со Бугарија влегуваат врз основа на позициите од декларацијата изгласана во Собранието

Досегашното комуницирање со датуми и рокови не ни донесе среќа и успех и сакаме брзо, но не и избрзано решение со Бугарија, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Топ тема“ на телевизијата Телма.
„Тоа сепак не значи дека може вечно да дискутираме“,
дециден е Маричиќ.
Тој додаде дека брзата и интензивна динамика нè тера да ги отвориме сите прашања и во краток рок да се дојде до договор.
„Ако оперираме со датуми, само ќе бориме денови, наместо да работиме. Подобро е да работиме и кога ќе има успех или неуспех да кажеме дека сме го решиле или не сме го решиле проблемот“,
истакна вицепремиерот за европски прашања, потенцирајќи дека целата Влада е фокусирана на решавањето на овие прашања со Бугарија и почеток на преговорите со Европската Унија.
Маричиќ рече дека формираните работни групи помеѓу Северна Македонија и Бугарија се мерки за градење на доверба и промена на атмосферата, во услови кога имавме силна наелектрилизираност изминатите години, особено во Бугарија, каде што имаше избори. Тој смета дека сета таа атмосфера на остри изјави и постојана предизборна реторика мора да се смири со повеќе теми, кои ќе ни покажат дека нашите односи не се сведуваат само на историските теми.
„Не бегаме од отворените прашања. Ги знаеме темите и разговараме на нив. Исто така ги знаеме и позициите. Нашите позиции се водени од декларацијата изгласана во Собранието и врз основа на таа декларација влегуваме во разговорите со Бугарија за сите отворени прашања“,
кажа Маричиќ.
Вицепремиерот рече дека јавноста се информира за сите постигнати договори од разговорите со Бугарија, како што беше тоа за дипломатската нота испратена до Обединетите нации.