Дали треба да има предвремени парламентарни избори, пак, Пендаровски рече дека тоа не е прашање за претседателот, но како граѓанин смета дека пречесто во државата се одржуваат избори

Претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека имаме гломазен државен апарат и затоа треба да се намали бројот на пратеници во Собранието, но со оглед дека за тоа е потребно и отворање на Уставот, тој порачува дека во овој момент тоа не е потребно.
„Имате политички субјекти кои веќе сега најавуваат дека не само намалување на бројката пратеници туку и дека некои други прашања би можеле да се отворат. Уставот, практично, се отвора на инсистирање на Софија и сега е на дневен ред – кога би се менувал ако ние решиме да ги вметнеме и Бугарите во Уставот. Така што, сензитивно е прашањето. Прашање е дали сега ни треба какво било отворање на Уставот. Ако ме прашате мене, не ни треба. Сега на Република Северна Македонија не ѝ треба преотворање на највисокиот правен акт, а понатаму, меѓутоа само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието, би требало да го направиме тоа“,
рече Пендаровски, според кого Уставот пречесто бил отворан изминатите години.
Тој поддршката за намалување на бројот на пратеници во иднина ја објаснува со тоа што ќе се редуцираат трошоците и вели дека е добар моделот на Словенија која има речиси ист број на население, а 90 пратеници во парламентот.
„Секојпат е добро да се рационализираат трошоците што ги прави државата. Не зборувам за конкретната иницијатива. Познато е дека ние имаме гломазен државен апарат и Собранието влегува во тој државен апарат. Знаете дека на секој пратеник доаѓаат по неколкумина што го опслужуваат, дека пред неколку години доградувавме неколку куполи бидејќи немаше доволно физички простор за секој пратеник да биде во посебна канцеларија… Сè што оди на редуцирање на трошоците на граѓаните и на намалување на буџетот во тој дел јас го поддржувам“,
рече Пендаровски.
Дали треба да има предвремени парламентарни избори, пак, Пендаровски рече дека тоа не е прашање за претседателот, но како граѓанин смета дека пречесто во државата се одржуваат избори.
„Ако ме прашувате како граѓанин, јас тоа го коментирав неодамна иако не ми е надлежност. Веројатно сите ние кои живееме тука заслужуваме една година и да немаме избори. Знаете од 2015 година имавме постојано некакви избори, вклучително и референдумот кој е еден вид избор. Меѓутоа, тоа е апсолутно автономно право на политичките субјекти во Собранието. Постои само еден начин да предизвикате предвремени избори, односно 61 пратеник да притиснат копче и да го распуштат Собранието“,
изјави претседателот.