Димовски возвраќа дека СДСМ бара „алиби“ затоа што знае дека и следниот месец ќе нема датум за почеток на преговорите
Опозицијата лобира кај меѓународни претставници за Северна Македонија и во март да не добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, обвини вечерва портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.
Гостувајќи во „Топ-тема“ на Телма, заедно со пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, Костадинов тврдеше дека има информации дека претставници на опозициската партија стравуваат од позитивна одлука на ЕУ за време на изборната кампања.
„Во разговори со претставници на меѓународната заедница, со европратеници…тие бараат Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ смета дека една таква порака или позитивна одлука за државата, што ја чекаме 30 години и за која се залагаме сите, би можела да се смета како влијание во кампањата и поддршка за СДСМ. Не, тие имаа доволно време да се приклучат и кон Преспанскиот договор и кон целиот процес на интеграција. Но, наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ избра опструкција и деструкција. Се на штета на државата“,
рече Костадинов.
Димовски, пак, одговори дека СДСМ бара „алиби“ затоа што знае дека и следниот месец ќе нема датум за почеток на преговорите.
„Вам ви е кажано дека во март нема датум за преговори. И сега треба да се впери простот и да се каже ‘ќе добиевме датум, ама тие лошите од ВМРО-ДПМНЕ се толку влијателни што кога ќе отидат во Брисел сите им се тресат и ги слушаат’. Во секој случај, ви благодарам за комплиментот за ВМРО-ДПМНЕ“,
иронизираше Димовски, одговарајќи на обвинувањето од портпаролот на СДСМ.
Димовски рече дека во случај, сепак, да има датум во март, тој не смета дека тоа би било мешање на ЕУ во изборната кампања во земјава.
„Напротив, камо среќа да добиеме датум , затоа што на таков начин ќе имаме еден објективен, критичен поглед од страна“,
рече Димовски.