Според податоците на Институтот за јавно здравје, во моментот во земјава во 90 проценти од случаите е присутен сојот омикрон, а во 10 станува збор за делта варијантата
Во моментов активни се 17 182 случаи со ковид-19, од кои најголемиот број се во Скопје – 8 755, покажуваат податоците на здравствените власти заклучно со вчерашниот ден. По главниот град, втора е Битола со 1 266 активни случаи.
Вчера беа регистрирани 1 908 новозаразени, а министерот за здравство Беким Сали во изјава за медиумите рече дека бранот стивнува.
„Нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки до следниот состанок на Комисијата за заразни болести, бидејќи во последните два дена има намалување на бројот на новозаболени. Според податоците на Институтот за јавно здравје што на дневна основа ги добиваме пандемијата во земјава дава знаци на стивнување и секој ден има намалување на бројот на новоинфицирани и на хоспитализирани. Сè е под контрола. До следниот состанок на Комисијата за заразни болести нема да има потреба од нова мерка, но се надевам дека и граѓаните ќе бидат претпазливи и вакцинацијата ќе расте“,
рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, во синоќешното интервју за националниот сервис МРТ1 апелираше до граѓаните да се вакцинираат. Никогаш, како што рече тој, не сакал да биде советник и да дели совети на граѓаните, меѓутоа сите светски анализи од сите држави покажуваат дека таму каде нивото на вакцинација е повисоко, стапката на заразување е помала, но дури и кога стапката на заразување е висока, смртноста е помала.
„Уште еднаш апелирам за зголемување на нивото на вакцинација на нашето население. Никогаш не сум бил приврзаник на мерки на присила, секогаш сум би приврзаник на мерки на советување, на учење, на прифаќање врз основа на факти и сметам дека граѓаните треба да прифатат, бидејќи одговорноста за вакцинирање не е само одговорност кон вас самите, таа е одговорност и кон оние околу вас, меѓутоа таа е одговорност и кон индустријата, трговијата, бидејќи со поголем број заболени, а невакцинирани, ние имаме и помалку работници во индустријата, во трговијата и тогаш трпи економијата“,
рече Ковачевски.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, во моментот во земјава во 90 проценти од случаите е присутен сојот омикрон, а во 10 станува збор за делта варијантата.
Покрај во Скопје и Битола каде има најмногу заразени во моментов, состојбата во останатите градови е следна:
- Куманово 14 689, Активни 759
- Прилеп 12 640, Активни 539
- Тетово 12 289, Активни 515
- Кавадарци 8 823, Активни 768
- Гостивар 8 711, Активни 331
- Велес 8 391, Активни 472
- Охрид 7 874, Активни 384
- Штип 7 464, Активни 316
- Струмица 7 123, Активни 384
- Кичево 4 894, Активни 271
- Кочани 4 584, Активни 218
- Струга 4 339, Активни 181
- Гевгелија 3 698, Активни 384
- Неготино 3 123, Активни 259
- Свети Николе 2 407, Активни 133
- Ресен 2 333, Активни 216
- Радовиш 2 212, Активни 174
- Крива Паланка 2 184, Активни 88
- Делчево 1 742, Активни 126
- Берово 1 640, Активни 79
- Дебар 1 499, Активни 20
- Валандово 1 346, Активни 134
- Виница 1 280, Активни 45
- Пробиштип 1 246, Активни 32
- Кратово 872, Активни 24
- Богданци 853, Активни 86
- Крушево 816, Активни 42
- Демир Хисар 761, Активни 51
- Македонски Брод 628, Активни 28
- Македонска Каменица 494, Активни 31
- Демир Капија 487, Активни 28
- Пехчево 422, Активни 32
- Дојран 209, Активни 11
Photo: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
