Доколку нема итна потреба, да се одложат патувањата за Северна Италија, апелираше попладнево до граѓаните министерот за здравство Венко Филипче по најновите случаи на заболени и починати од коронавирус во Италија.

„Денеска бевме во интензивен контакт со нашиот конзул во Венеција. Во овој момент нема податоци дека имаме заболени или под опсервација наши граѓани во Италија. Го замоливме конзулот, доколку постои механизам, тој да биде известен ако некоја група наши граѓани сака да се врати во нашата земја и на тој начин ќе имаме дополнителни информации каде и кога тие би се појавиле на граничните премини“,
изјави Филипче.
Тој ги појасни мерките во врска со подигнувањето на нивото на внимателност и подготвеност на сите институции. Рече дека се воведува контролата на сите патници што доаѓаат во државава, а доколку има патници што треба да се опсервираат подготвени се Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, а подготвени ќе бидат и инфективните тимови во болницата во Велес и во Гостивар, по потреба во зависност од тоа колку граѓани ќе треба, ако воопшто треба, да се опсервираат. Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на Клиниката за инфективни болести во Скопје и на инфективното одделение во болницата во Куманово.
„Граничните полицајци и царинарници имаат посебен прашалник врз основа на кој сите патници се прашуваат од каде доаѓаат, дали евентуално од некои од критичните региони, дали биле во контакт со заболени и врз основа на одговорите, граничната полиција стапува во контакт со регионалниот центар за јавно здравје или со Институтот за јавно здравје во Скопје, а понатаму, доколку има некој патник кој би бил потенцијален пациент, во смисла на појава на некои симптоми или да бил во контакт во изминатиот период, се постапува согласно алгоритмот, односно епидемиологот го сместува во посебна просторија на граничниот сувоземен премин каде што се прават проверките, се прави тестирањето и понатаму се постапува согласно резултатите. Доколку има заболен со коронавирусот тој се спроведува со соодветен пат, на соодветен начин од страна на Здравствениот дом Скопје со соодветно возило, со соодветно подготвен тим до инфективниот тим во Скопје, каде што постои еден дел за изолација, односно доколку е потребно и карантин“,
рече Филипче.
Филипче соопшти дека уште тројца вработени во компанијата „Синохидро“ пристигнале во земјава и иако ги минале сите тестирања се сместени во Кичево, каде што се сместени и нивните двајца колеги инженери кои се под здравствен надзор.
„Двајцата инженери веќе биле 14 дена во карантин и се тестирани на вирусот и резултатите се негативни, а за да бидеме двојно осигурани, препорачавме уште 14-дневен здравствен надзор. Тие се во добра здравствена состојба и немаат симптоми“, истакна Филипче.