Ова е на барање на најголемата опозициска партија, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов
Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска ќе реферира пред пратениците во Народното собранието на Бугарија за резултатите од неговата посета на Скопје минатата недела, како и од средбата на владите на двете земји што се одржа во Софија.
Како што јави БГНЕС, реферирањето на Петков ќе се одржи на барање на најголемата опозициска партија, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и ќе биде прва точка на собраниското пленарно заседание закажано за денеска.
Петков вчера беше во Брисел на работни средби со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти прес-центарот на бугарската Влада.
Како што се наведува во соопштението од бугарската Влада, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, му честитал на бугарскиот премиер за успешните средби со Владата на Северна Македонија, како и за мерките за зајакнување на капацитетите на Бугарија, со оглед на тензиите меѓу НАТО и Русија. Мишел го уверил премиерот дека институциите на ЕУ работат на елиминирање на енергетските ризици за земјите членки, вклучително и Бугарија.