Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, му честитал на бугарскиот премиер за успешните средби со Владата на Северна Македонија
Бугарскиот премиер, Кирил Петков, денеска во Брисел оствари серија работни средби, меѓу кои и со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти прес-центарот на бугарската Влада.
Петков присуствувал и на свеченоста по повод Меѓународниот ден на сеќавањето на жртвите на холокаустот во Европскиот парламент. Тој и честитал на Мецола за нејзиниот избор за претседателка на ЕП и, како што е соопштено, ја повторил својата желба за блиска и плодна соработка.
Двајцата разговарале за приоритетите на бугарската Влада и за предизвиците пред кои таа е исправена во нивната реализација. Бугарскиот премиер изјавил дека пристапувањето на Бугарија во Шенген останува стратешка цел на Софија и дека смета дека ЕП ќе продолжи да ја поддржува.
Како што се наведува во соопштението од бугарската Влада, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, му честитал на бугарскиот премиер за успешните средби со Владата на Северна Македонија, како и за мерките за зајакнување на капацитетите на Бугарија, со оглед на тензиите меѓу НАТО и Русија. Мишел го уверил премиерот дека институциите на ЕУ работат на елиминирање на енергетските ризици за земјите членки, вклучително и Бугарија.
Петков се сретна и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со која разговарале за Националниот план за закрепнување и одржливост, како и за ситуацијата на границата со Украина.