Кон крајот на 2017 година, тогашните влади на Заев и на Борисов во Бугарија одржаа заедничка седница во Струмица, три месеци откако беше потпишан Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји, кој, сепак, не ја оневозможи бугарската блокада кон нашата држава во однос на интеграцијата во ЕУ
Наместо на „Илинденска“ бр.2 во Скопје, македонската Влада овој вторник ќе заседава во Софија, каде што ќе се одржи заедничка седница со Владата на Бугарија, во атмосфера кога новите власти во двете земји најавуваат и нов пристап во меѓусебниот дијалог, како можност за кревање на рампата за почеток на преговорите на Северна Македонијасо ЕУ.
Кон крајот на 2017 година, тогашните влади на Зоран Заев во Македонија и на Бојко Борисов во Бугарија одржаа заедничка седница во Струмица, три месеци откако го потпишаа Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји, кој, сепак, не ја оневозможи бугарската блока кон нашата држава во однос на интеграцијата во ЕУ.
По минатонеделната посета на Петков на Скопје, на „Илинденска“ бр. викендов завршуваат последните подготовки пред меѓувладината седница. Формирани се работните групи и од двете страни, а назначени се и нивните копретседавачи.
Северна Македонија и Бугарија во периодот што претстои, а во рамки на новата динамика на соработка, која ја најавија двајцата премиери, треба преку состаноците на работните групи да ги приближат позициите во повеќе сфери, да се фокусираат на она што е практично остварливо во моментот, а со тоа да се отвори пат и за пронаоѓање решенија за потешките прашања и конечно надминување на спорот и одблокирање на почетокот на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и Европската Унија.
Двете влади формираа четири работни групи. Владата на Северна Македонија ги формира групите за економија, трговија и иновации; за инфраструктура, транспорт и поврзување; за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование.
Во соопштението на бугарската Влада е наведено дека се формирани групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европската соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација и владеење на правото и за културата, науката и образованието и младите.
Копретседавачи на првата група (економија) од македонска страна се вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат заменик-премиерот за економија и индустрија и министер за економија, Корнелија Нинова, вицепремиерот за еврофондовите и министер за финансии, Асен Василев и министерот за иновации и раст, Даниел Лорер.
Со втората група (инфраструктура) од македонска страна ќе копретседаваат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, додека од бугарска вицепремиерот за регионален развој и јавни работи и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, министерот за транспорт и врски Николај Сабев и министерот за енергетика Александар Николов.
Копретседавачи на третата работна група (евроинтеграции) од македонска страна се вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат вицепремиерот за климатски политики и министер за животна средина и води Борислав Сандов, вицепремиерката за ефикасно владеење Калина Константинова и министерката за правда Надежда Јорданова.

Со четвртата работна група (култура и образование) од македонска страна ќе копретседаваат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, додека од бугарска министерот за образование и наука Николај Денков, министерот за култура Атанас Атанасов, министерот за туризам Христо Проданов и министерот за млади и спорт Радостин Василев.
Во работните групи ќе членуваат и претставници од ресорните министерства и институции, а копретседавачите ќе ротираат согласно тематиката, која ќе биде ставена на дневен ред на состаноците.
Иако најавија пет работни групи, петтата, всушност, е историската, што ја покрива мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Не се знае зсе уште дали ова комисија ќе остане да работи во досегашниот формат.
На заедничката прес-конференција во Скопје за време на посетата на Петков, Ковачевски нагласи дека историската Комисија веќе има свој план за работа и врз основа на тоа што го имаат сработено и историчарите кои се членови на таа комисија ќе треба да информираат за тоа што го договориле.