Во интервју за Пинк, снимано во нов воз кој ќе превезува патници до Нови Сад, српскиот претседател оцени дека „дестабилизацијата на Србија би била во интерес на многумина“ и дека земјата продолжува да се бори против нарко – картелот
Александар Вучиќ првпат и се обрати на јавноста откако министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, објави дека полицијата била официјално информирано за постоењето криминална група, чија цел е атентат врз српскиот претседател во февруари, пренесуваат тамошните медиуми.
Во интервју за ТВ Пинк, снимано во воз купен од Швајцарија, кој ќе вози на релација Белград – Нови Сад, Вучиќ објасни дека добил информација за планираниот атентат на 14 јануари и дека една земја од ЕУ ја препратила до српските власти.
„Тие дадоа многу детали за тоа. Мислам дека луѓето не се грижат премногу, тие имаат свои проблеми. Мислам дека тоа не е од посебно значење за луѓето“,
рече Вучиќ.

Запрашан дали е загрижен за информациите за атентатот, претседателот рече дека тоа е работа на надлежните органи.
„Во дописот видов седум имиња. Надлежните органи ќе ги преземат сите мерки за да го спречат тоа. Таа земја од ЕУ беше многу коректна, многу фер. Нашите луѓе работат, имаат распишано потерници за одредени луѓе затоа што пишувале кој кому да го прати оружјето, кој да го земе и слично“,
објаснува тој.
Додава дека „дестабилизацијата на Србија би била во интерес на многумина“ и дека земјата продолжува да се бори против нарко – картелот.
„Сигурен сум дека направивме многу со големите апсења на нарко-картелите во Србија и тие не можат да функционираат доколку немаат поддршка од одредени државни структури во пошироки размери. Не се работи за 10 милиони евра, туку за стотици милиони и милијарди евра. Никогаш не сум видел или слушнал за луѓе чии имиња ги добив. Не постои лична работа. Исто така, дестабилизацијата на Србија би била во интерес на многумина. Тоа се некои од можните причини“,
рече Вучиќ во интервју за Пинк.
Наводниот план за атентат врз Вучиќ предизвика лавина реакции, откако службите во Белград соопштија дека информација за тоа добиле од Европол, од земја-членка на Европската Унија.
Премиерката Ана Брнабиќ рече дека е засилено обезбедувањето на Вучиќ и дека станува збор за сериозна закана.
Вчера, министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, соопшти дека српските безбедносни служби на 14 јануари, со назнака „итно“, добиле информација од земја членка на ЕУ дека организирана криминална група на чело со Радоје Звицер, планирала атентат врз Александар Вучиќ.