Првата пратка од пакетот безбедносна поддршка од 200 милиони американски долари за Украина пристигна во Киев, соопшти денеска американската Амбасада.
Испораката дојде по посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Киев оваа недела поради загриженоста на Киев и неговите западни сојузници за десетиците илјади руски војници на границата со Украина. Русија негира дека планира нова воена офанзива.
Пакетот помош беше одобрен од Вашингтон во декември.
Инаку, претседателот на САД, Џо Бајден, викендов ќе биде во Кемп Дејвид во близина на Вашингтон и ќе разговара со тимот за национална безбедност за сите аспекти на руско-украинската криза.
Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки потсети дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретнал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Женева.
„Претседателот ќе се сретне овој викенд во Кемп Дејвид со неговиот тим за национална безбедност за да разговара за ситуацијата. Некои ќе присуствуваат виртуелно, некои ќе бидат таму лично. Ние, исто така, ќе продолжиме да се консултираме со нашите сојузници и партнери и ќе одговориме следната недела во писмена форма“,
рече Псаки.
Берлин пак, објави дека нема да испорачува оружје на Украина. Германскиот канцелар Олаф Шолц повтори дека политиката на Берлин е да не доставува оружје во конфликтните зони.