Ја отфрламе идејата за воспоставување на какви било сфери на влијание во Европа, одговри портпаролката на Алијансата
НАТО го отфрли барањето на Русија за повлекување на сојузничките трупи и затворање на базите во Бугарија и Романија, изјави портпаролката Оана Лунгеску, коментирајќи го барањето што Министерството за надворешни работи на Русија јавно го упати до Алијансата.
„НАТО нема да ја загрози способноста на сојузниците да се заштитат и бранат меѓусебно, вклучително и присуството на војници во источниот дел на Алијансата“,
рече Лунгеску.
Таа додаде дека задоволувањето на барањето на Русија ќе создаде првокласни и второкласни членки на НАТО, и поради тоа тие нема да прифатат такво нешто.
„Ја отфрламе идејата за воспоставување на какви било сфери на влијание во Европа. Секогаш ќе одговориме на влошувањето на нашата безбедносна средина, вклучително и зајакнувањето на нашата колективна одбрана. НАТО е во состојба на готовност и продолжува да ја проценува потребата од зајакнување на источниот дел од нашата Алијанса“,
рече Лунгеску.
На сајтот на руското МНР е објавен коментар на прашањето што значи за Бугарија и Романија барањето на Русија НАТО да се врати во состојба како пред 1997 година.
Во коментарот се наведува дека Русија сака странските сили, опремата и оружјето да се повлечат и да преземе други чекори со цел да се воспостави ред во земјите кои не беа на патот кон членство во НАТО во 1997 година.