Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адана Гебрејсус, ги предупреди светските лидери оти пандемијата со коронавирусот „не е ни блиску до својот крај“, а некои европски земји бележат рекорди по бројот на нови случаи, главно поради сојот омикрон.
Токму омикрон сојот само минатата недела предизвикал нови 18 милиони инфекции ширум светот, рече Тедрос за „Би-би-си“.
„Иако овој сој може да се покаже дека е помалку сериозен, наративот дека се работи за блага болест е погрешен. Не правете грешка, омикрон предизвикува хоспитализации и смртни случаи, а уште потешки случаи ги поплавуваат здравствените установи“,
рече директорот на СЗО.
Тој ги предупреди светските лидери оти поради напредокот на омикрон на глобално ниво, најверојатно ќе се појават нови варијанти на вирусот и изрази загриженост за земјите кои имаат ниски стапки на вакцинација на населението.
„Луѓето се многу повеќе изложени на ризик од сериозни болести и смрт доколку не се вакцинираат“,
рече тој.
Photo: EPA-EFE/FABRICE COFFRINI / POOL